Инженерискиот баталјон (инжб) од составот на Командата за операции, во текот на изминатиот период интензивно извршува работни активности на армискиот полигон (АП) „Криволак“ со цел одржување и подобрување на патната инфраструктура и другите објекти за потребите на Армијата. Активностите се дел од подготовките за создавање на оптимални услови за реализација на вежбата „Одлучен удар 21“ (ОУ-21) како дел од вежбата „Defender Europe 21“ (DE-21).
Подготовките за реализација на задачите започнаа на 04.05.2020 година со транспорт на целокупната потребна механизација на инжб. Транспортот од касарната „Илинден“ – Скопје до АП „Криволак“ се реализираше во координација и асистенција на раководството на вежбата „ОУ-21“, Канцеларијата за одбранбена соработка на САД (ODC) при Амбасадата на САД во Република Северна Македонија и силите на КФОР.
Во периодот од 12.05. до 14.12.2020 година активно се работеше на изработка и пробивање на патниот правец кој ги поврзува с. Мушанци – с. Штркалево со цел поврзување со воениот полигон „Пенуш“. Во оваа етапа од активностите вкупно се пробиени или реконструирани околу 60 кm сообраќајници.
Како дел од подготовките и создавање на услови за реализација на вежбата „ОУ-21“ се изврши и пребарување на АП „Криволак“ од неексплодирани минско – експлозивни средства, при што извршено е пребарување во должина од 15 кm и на правецот логор „Зима – 2“ – с. Енешево.
Со активностите на АП „Криволак“ се продолжи од 18.02.2021 година со реализација на следните активности: поправка на постоечката патна инфраструктура во реонот на Џидимирци како и поправка и подготовка на горен строј на патот од с. Мушанци до с. Штракалево. Во тек е негово насипување со дробен камен во должина од 4.200 метри. Изработена е патната инфраструктура до набљудувачницата Џидимирска Чука каде е извршено и отстранување на постоечката бина и е започната изработка на нова.
Со активностите кои се поврзани со наведените и досегашни реализирани задачи на АП „Криволак“ е и заедничката претстојна обука на инжб со 15. инженериски баталјон на ВС на САД стационирани во Европа. Таа ќе се одржи во периодот од 15.03. до 12.05.2021 година. Целта е низ обуката да се зајакне нашето постојано партнерство со САД и подобрување на интероперабилноста според НАТО стандардите.
СЈ/ЧС/БН