Врз основа на билатералната соработка со Армијата на Република Словенија, во период од 08. до 11.12.2020 година, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се спроведе селективен курс за „JTAC“ – (Joint Terminal Attack Controller), кој во суштина е термин што се користи во вооружените сили на САД и некои други воени сили за квалификуван армиски припадник кој ги насочува дејствата на борбените авиони вклучени во блиска воздушна поддршка и други офанзивни воздушни операции од челна позиција.
На курсот на кој се обучуваа девет припадници од воздухопловниот ВИНГ под раководство на четворица инструктори од Армијата на Република Словенија, учествуваше во улога на предавач и еден кандидат за инструктор од редовите на воздухопловниот ВИНГ, кој претходно успешно има завршено курс за „JTAC“ во регионалното училиште за операции од воздух во Република Словенија.
За времетраење на курсот се реализираа и експертски разговори помеѓу претставниците на војската на Република Словенија и началниците, или нивни заменици од секциите за планирање и обука од Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ и Првата пешадиска бригада.
Цел на експертските разговори беше согледување на улогата на регионалното училиште за операции од воздух врз регионалниот развој на програмата за JTAC, неопходноста од потребата од овој вид на единица во НАТО армиите и нејзината улога во зголемувањето на борбената готовност на армиите на НАТО.
ГИ/ЧС/БН