Денес, НАТО Советодавниот тим во Република Македонија, ја посети Командата на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) во гарнизонот Петровец. Членовите на НАТО тимот, во Командата на 1.мпбр беа пречекани од командантот на бригадата бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и претставници од командата и штабот на 1.мпбр.
По реализацијата на брифингот, со кој членовите на НАТО советодавниот тим од страна на началникот на секцијата за операции, беа запознаени со структурата, историјата, локациите на потчинетите единици на 1.мпбр, декларираните единици од составот на бригадата, терените за обука на потчинетите единици и задачите на бригадата во наредниот период, претставниците од бригадата и НАТО тимот разговараа и за идната трансформација на бригадата, долгорочниот план за развој на бригадата, цивилно-воената соработка и за други прашања поврзани со бригадата.
По завршувањето на посетата на Командата на 1.мпбр во гарнизонот Петровец, НАТО советодавниот тим замина во посета на 1. механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) во гарнизонот Куманово. Во гарнизонот Куманово тимот беше пречекан од командантот на 1.мпб, потполковникот Стојанче Костов, кој пред членовите на НАТО тимот реализираше презентација за структурата, задачите и обуката на најголемата декларирана единица од Армијата на Република Македонија, Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ). По завршувањето на брифингот, НАТО советодавниот тим на ТТ-зборот, организиран од персоналот на 1.мпб, разгледа дел од опремата и вооружувањето на ЛПБГ.
СМ/ЧС/ИМ