На почетокот на јуни, согласно годишниот план за обука за 2018 година, на терените на Осоговските планини и Плачковица, припадниците на оклопно извидувачките водови од потчинетите единици на 1.механизирана пешадиска бригада (1. и 2. механизиран пешадиски баталјон, командна чета и инженериски баталјон), со менување на локации реализираа обука „исхрана во природа“.
Целта на оваа подвижно логорување е персоналот од извидувачките единици, практично да се соочи со опстојувањето во природата, создавајќи си самите услови за живот и работа, изработка на објекти за сместување и исхрана и користење на флората и фауната од планините во источниот дел на Република Македонија.
Во обученоста и психофизичката подготвеност за успешна реализација на обуката во планински услови и посветеноста во извршувањето на задачите на извидувачите од своите единици, изолирани од цивилизацијата, се уверија и командантите на единиците при посетата на извидувачите на терен.