Денес, 06 октомври 2015 година, во раните утрински часови декларираната чета на Воена Полиција (чВП) успешно изврши марш од касарната „Илинден“ во Скопје до Армискиот полигон (АП) „Криволак“ и постави постојана контролна точка на влезот во АП „Криволак“, како една од првите борбени постапки со која започна оценувањето на оваа единица, согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.
На АП „Криволак“ чВП ќе се оценува низ решавање на повеќе настани и инциденти, во кои ќе треба да ги изврши следните задачи: блокада на пат, ескортирање на конвој, постапки при наоѓање на експлозивна направа, формирање на постојана и мобилна контролна точка, мобилна патрола, обезбедување на база, кордон и пребарување и друго.
Истовремено оценувањето на ренџерската чета од составот на полкот за специјални операции ќе се реализира преку извршување на следните задачи: извидувачка патрола, реакција на заседа, напад на база, препад при што ке се врши инфилтрација и ексфилтрација, блокада на пат и друго. Во текот на денешниот ден ренџерската чета ќе реализира повеќе задачи, меѓу кои и извидувачка патрола, реакција на заседа, напад на база и друго.
До крајот на денот, ќе се реализираат и останатите планирани активности согласно листата на инциденти и настани. Оценувањето продолжува и во текот на утрешниот ден.