Денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово, се одбележа 11 Март, Денот на резервни сили.
На 11 март 1992 година припадниците на Територијалната одбрана од Крива Паланка поделени во три единици ги презедоа караулите „Рамна нива“, Деве Баир и „Коприва“ од некогашната ЈНА. Тогаш за првпат во караулата „Рамна нива“ се развиори македонското знаме кое го подигна Драги Митовски, војник на Територијалната одбрана, а караулата ја прими постариот водник Сонко Ангеловски.
На одбележувањето присуствуваа командантот на здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Зоран Милески, заменикот на командантот на ЗОК бригаден генерал Павле Арсоски, командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, претставници од Здружението на резервни офицери, државните и општествени организации од локалната самоуправа на општина Куманово.
Во своето обраќање командантот на единицата, полковник Ќиро Калков истакна дека се горди што се носители на традициите на овој настан од поновата историја на македонскиот народ, настан кога на караулата „Рамна Нива“ во Крива Паланка 11-ти март 1992 година за прв на државната граница се развиори знамето на Република Македонија, со што се заокружи територијалниот интегритет на нашата држава и го означи создавањето на Армијата на Република Македонија.
Командантот на (ЗОК) генерал-мајор Зоран Милески истакна дека во развојот и формирањето на командите и единиците на АРМ, во делот на активната и општата резерва на АРМ, свое значајно место има улогата на Командата на резервни сили, резервните сили не се постојано ангажирани и нивната улога е да бидат на располагање, секогаш обучени за извршување на воена служба, во поддршка на институциите на системот во случај на кризна или воена состојба и секако дел од нив можат да се употребат и во мировни мисии во странство.
По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата и беа прочитани честитки за Денот на единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, 11-ти март е одреден за Ден на резервни сили како датум со кој се одбележува преземањето на првата караула „Рамна Нива“ во Крива Паланка, а врз кој заедно со други важни датуми од историјата се темелат традициите на Армијата на Република Македонија.