Денес 17.09.2015 година во касарната „Јане Сандански“ Штип, со воена свеченост припадниците од 2. механизиран пешадиски баталјон (2.мпб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада, Здружена оперативна команда (ЗОК) го одбележаа 17 септември, Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на ЗОК, бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, командантот на 1.мпбр, полковник Зоран Милески, градоначалници од зоната на одговорноста, претставници и директори на јавни и приватни претпријатија и други цивилни лица со кои баталјонот има соработка во зоната на одговорноста.
Пред гостите, пригодно обраќање имаше командантот на 2.мпб, потполковник Бранко Петкоски и командантот на 1.мпбр, полковник Зоран Милески. Притоа се даде краток осврт на историскиот развој на 2.мпб, нивната професионалната работа, високата мотивираност и покажаните вештини и обученост.
Во рамките на свеченоста беше положено и свежо цвеќе на спомен плочата на 14. Македонска младинска народно-ослободителна ударна бригада „Димитар Влахов“ (14 ММНОУБр) и на спомен обележјето „Македонија“ во касарната “Јане Сандански” – Штип во чест на припадниците од состав на единицата кои ги положија своите животи во конфликтот во 2001 година.
По завршување на официјалниот дел, единиците продефилираа пред присутните, беа прочитани стимулативни мерки за припадниците на 2.мпб и пред присутните гости беше презентирано оружјето и опремата со кои располага единицата. Првиот огнен вод од минофрлачката батерија беше прогласен за најдобар вод од составот на баталјонот.