Во касарната „Илинден“ во Скопје, денес, со воена свеченост, припадниците на Баталјонот на воената полиција го прославија „29 Октомври – Денот на Баталјонот на воена полиција“.
Командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Бесник Емини во своето обраќање изрази уверување дека нема никаков сомнеж дека единицата и во иднина ќе продолжи да работи посветено, професионално и ефикасно, при што додаде дека заедно ќе бидеме победоносни и успешни во задачите кои ни претстојат.
Во своето обраќање началникот на штаб и заменик командант на бВП, потполковник Зоран Станковски истакна дека мисијата и задачите кои ги извршуваат припадниците на единицата не дозволуваат импровизирање и селективност и ја покажуваат сериозноста на доверените задачи. „Ние со гордост ги славиме нашите претходници, а преку извршувањето на големиот број на задачи поврзани со мисијата на единицата се потврдува создавање на модерна единица, препознаена од домашни и странски партнери за што во континуитет добиваме пофалби и признанија“.
На денешната свеченост по повод Денот на единицата беа прочитани честитки за денот на единицата, како и наредби за стимулативни мерки.
На свеченоста присуствуваа: командант на КО, бригаден генерал Бесник Емини, командант на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, команданти на единици во Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата, претставници од МВР и други гости.
Баталјонот на воена полиција (бВП) е носител на традициите од 29.10.1878 година, кога во текот на Македонското – Кресненското востание е издадена писмена наредба за формирање на Воено-полициски начелства за спроведување на редот и мирот на ослободените територии на Македонија, што во суштина претставува и основна функција на воената полиција.
Во рамките на одбележувањето на денот на единицата беа реализирани повеќе пригодни активности и тоа: хуманитарна акција со донирање на прехранбени продукти во СУ „Браќа Миладиновци“, Куманово и акција за доброволно дарување на крв во ГОБ „8-ми Септември“ Скопје.