Во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со воена свеченост припадниците на 2. механизиран пешадиски баталјон (2.мпб) од состав на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), го одбележаа Денот на единицата „17.Септември“ – денот кога во 1944 година во селото Митрашинци, Беровско е формирана 14-та Македонско младинска народноослободителна ударна бригада (ММНОУбр) – Димитар Влахов.
Пред почетокот на свеченоста, делегации од Здружена оперативна команда (ЗОК), командата на 1.мпбр, општина Штип и други цивилни организации и здруженија на граѓани, положија букети свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите припадници на 2.мпб во конфликтот во 2001 година.
На свеченоста по повод денот на 2.мпб, пригодно обраќање пред стројот на единицата и присутните гости, имаа заменикот на командантот на 1.мпбр, полковник Бесник Емини и командантот на 2.мпб потполковник Горан Петрушевски.
Во својот говор командантот на 2.мпб се осврна на историскиот пат на 14-та ММНОУбр, задачите и улогата на 2.мпб како една од единиците на Армијата на Република Македонија. Исто така истакна дека припадниците на 2.мпб се горди што ги продолжуваат традициите на таа славна бригада од народно ослободителната борба на македонскиот народ.
По повод денот на 2.мпб, беа доделени стимулативни мерки на припадници кои се истакнале во работата и обуката а со тоа дале и свој придонес во јакнењето на борбената готовност на единицата. За најдобар вод беше избран првиот вод од втората механизирана пешадиска чета.
Во рамките на одбележувањето на денот на единицата, на ден 14.09.2018 година во соработка со Црвениот Крст од општина Штип, се одржа крводарителска акција во која припадниците од 2. механизиран пешадиски баталјон даруваа 67 крвни единици.
СМ/БН