Во касарната „Јане Сандански“ Штип, со воена свеченост припадниците од 2. механизиран пешадиски баталјон (2.мпб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), го одбележаа Денот на единицата „17 Септември“, денот кога е формирана 14-та Младинско македонска народноослободителна ударна бригада (ММНОУ) во 1944 година во селото Митрашинци во близината на Берово.
На свеченоста присуствуваа командантот од Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Зоран Милески, командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, градоначалници, директори на јавни и приватни претпријатија и претставници на други цивилни организации од зоната на одговорноста на 2.мпб.
Пред стројот на единицата и присутните гости на свеченоста, пригодно обраќање имаа командантот на 2.мпб, потполковник Горан Петрушевски и командантот на 1.мпбр, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски. Во својот говор командантот на 2.мпб се осврна на историскиот пат на 14-та ММНОУ Бригада и задачите и улогата на 2.мпб како една од единиците на Армијата на Република Македонија. Командантот на 1.мпбр, бригадниот генерал Ѓоргоски во својот говор покрај останатото истакна дека 2.мпб претставува еден од главните столбови и ударна сила на 1.мпбр, дека главните сили во август 2015 година во разрешувањето на мигрантската криза во реонот на Гевгелија и Дојран исто така и активностите на АП „Криволак“ во склоп на вежбите „Македонски Блесок“ во изминатите неколку години, беа токму од 2.мпб.
Во рамките на одбележувањето на денот на единицата, на ден 13.09.2017 година се одржа турнир во Шах со припадниците од заедницата на инвалидски организации од Штип, а на ден 14.09.2017 година припадниците од 2. механизиран пешадиски баталјон уште еднаш ја покажаа хуманоста на дело со дарување на крв кои даруваа 54 крвни единици во соработка со Црвениот Крст од општина Штип.
На денот на свеченоста беше положено и свежо цвеќе на спомен обележјето „Македонија“ во касарната „Јане Сандански“ во Штип, во чест на припадниците од 2.мпб кои ги положија своите животи во конфликтот во 2001 година.