Денес (15.10.2014 година) во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод одбележувањето на денот на баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ) од составот на воздухопловната бригада (вбр).
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, 15-ти октомври е одреден за ден на бВНЈ. За ден на единицата е земен историски датум од 15 октомври 1943 година. Тој ден се смета како почеток на воздушното набљудување во Република Македонија бидејќи на 15 октомври 1943 година во реонот на месноста Црвена Вода на планината Караорман е организирано уредување на импровизиран аеродром на којшто е доставена првата воена помош од 6 британски авиони за македонската војска. На успешното прифаќање на помошта му претходеле повеќе активности како што се издавање на наредба за уредување на аеродромот, означување на истиот, организирање на визуелно набљудување на воздушниот простор поради навремено активирање на сигналите по појавување на авионите, кое што и претставува една од првите задачи од овој тип во Република Македонија. Овој историски настан бВНЈ го слави како ден на единицата и претставува продолжување на тие традиции.
Командантот на бВНЈ, потполковник Александар Крстевски во обраќањето пред присутните истакна дека припадниците на бВНЈ, со својот професионализам, несебична посветеност кон професијата и службата, длабоко врежаниот војнички кодекс на однесување, како и ефикасноста при извршувањето на сите поставени задачи ги негуваат втемелените вредности и ги одржуваат веќе поставените високи стандарди на еден припадник на единица за воздушно набљудување и јавување.
На свеченоста присуствуваа: Командантот на вбр полковник м-р Кире Колевски, Началникот на Штаб на вбр полковник Заим Шријељ, претставници од вбр, локалната самоуправа, МВР, пензионирани припадници од бВНЈ и други гости.
Пред стројот беше прочитана честитка од Началникот на ГШ на АРМ до припадниците на баталјонот, како и стимулативни мерки по повод празникот.
Свеченоста заврши со свечено дефиле на единиците од составот на баталјонот.