На 8 мај 2026 година во касарната „Боро Менков“ – Куманово со воена свеченост припадниците на Четата за атомска, биолошка и хемиска одбрана (чАБХО), од составот на Командата за операции го одбележаа Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, команданти на првопотчинетите единици и началници на секции од Командата за операции.
Командирот на единицата, поручник Марија Михајловска во своето обраќање истакна: „Единицата е составена од високо обучен кадар, кој во секое време може да обезбеди НХБ заштита како на единиците на Армијата, така и на цивилните структури во државата и е единствената единица која во своето име го содржи зборот „ОДБРАНА“, збор за кој вреди да се положи и животот за сопствениот народ и кој нас војниците нè поврзува со славното минато и нè прави горди во сегашноста“.
На свеченоста по повод Денот на единицата беа прочитани честитки и стимулативни мерки за припадниците на единицата, а за најдобро одделение од чАБХО беше прогласено 1.одделение од 2.вод.
На крајот од свеченоста, командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски на сите припадници од единицата им го честита денот и им порача да останат горди што се припадници на родот АБХО, кој претставува важна карика не само во современото војување, туку и неопходен сегмент во борбата против тероризмот и современите безбедносни закани, особено заканите со хемиско оружје.









