Со пригодна церемонија на ден 02.11.2020 година, со кревање на државното знаме на Република Северна Македонија на јарболот во базата на КФОР во Пеќ, првиот контингент составен од 44 војници од Армијата на Република Северна Македонија, ја започна мисијата во регионалната команда на КФОР- Запад со седиште во Пеќ.
Учеството на нашите мировници ќе придонесе за целокупната мисија на КФОР, во обезбедување на безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
На церемонијата на кревање на знамето на Република Северна Македонија, присуствуваше и пред стројот се обрати командантот на мисијата КФОР, генерал-мајор Микеле Риси. Генералот Риси во својот говор истакна дека со учеството на нашиот контингент ќе се зајакнат односите меѓу Република Северна Македонија и останатите 26 нации, кои во моментов партиципираат во мисијата КФОР, предводена од НАТО.
Нивните задачи вклучуваат патролирање и обезбедување на манастирот Дечани и физичко обезбедување на кампот „Вилаџо Италија“ заедно со италијански и молдавски војници. Штабниот елемент од контингентот ќе работи во склоп на штабот на КФОР во Приштина.