Почнувајки од денес во касарната „Н.Х. Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово отпочна обуката на новопримените професионални војници во АРМ кои во наредните шест месеци ќе се оспособуваат за извршување на задачите потребни за формациските места на кои ќе бидат распоредени.
На свечената церемонија по повод отпочнување на обуката се обрати заменик на командантот на здружената оперативна команда, бригадниот генерал Павле Арсоски кој истакна: „Чест е да бидете припадници на АРМ, а уште поголема чест е да бидете припадници на 1.механизирана пешадиска бригада“.
Понатаму во обраќањето посочи за значењето на обученоста како еден од клучните фактори за извршување на поставените задачи, а обуката да претставува секојдневен приоритет во работата. На крајот на младите војници им беше порачано дека тие се новата сила на АРМ и треба достојно да го сочуваат и високиот рејтинг кој го има АРМ во нашето општество.
Според планот, во следните шест месеци во 3.механизиран пешадиски баталјон, обуката со новопримените професионални војници ќе се реализира во три фази и тоа: општа воена обука, стручно-специјалистичка обука и колективна обука. Исто така, во текот на обуката, константно ќе се работи на подигање на нивната психофизичка подготвеност и ќе се реализираат програмски гаѓања со личното и колективното вооружување во дневно-ноќни услови. При тоа, фокусот ќе биде даден на тоа да се достигне потребното ниво на воено-стручна обученост за извршување на суштинските задачи на единицата во која новите професионални војници се распоредени. Целта е истите да бидат подготвени за справување со сите предизвици кои ќе ги очекуваат во иднина, рамо до рамо со професионалните војници кои повеќе години се дел од АРМ.
Пред самиот завршетокот на обуката, планирано е да извршат проверки и оценувања по елементите на воено-стручната обученост, огнената оспособеност и физичката подготвеност на војниците, со кои ќе се заокружи целокупниот процес. Оценките кои новопримените професионални војници ќе ги добијат по овие три елементи кои го прават комплетен денешниот современ војник, во голема мерка ќе влијаат врз нивниот понатамошен развој во службената кариера.