Припадниците на АРМ од Здружената Оперативна Команда и прва механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) во гарнизоните во зоната на одговорност, активно се вклучија во одбележувањето на 11.Октомври – Ден на Народното востание.
Во Прилеп, на Средбата на генерации во организација на Сојузот на борци од општина Прилеп, која се одржа на ден 07.10.2014 година, присуствуваа Заменик командантот на Здружената Оперативна Команда, бригаден генерал Мухамет Рацај и командантот на Гарнизон Прилеп полковник Жарко Ристески.
Во пресрет на празникот, на ден 09.10.2014 година во касарната „Мирче Ацев“ се реализира крводарителска акција. Војниците и старешините ја докажаа својата хуманост, несебично дарувајќи 80 крвни единици.
На ден 10.10.2014 година на Камената бина во центарот на Прилеп, во рамките на програмата за одбележување на Денот на Народното востание, со едночасовен концерт настапи Воениот оркестар на АРМ. По настапот следеше традиционалниот импровизиран напад на Меморијалниот музеј „Участок“ изведен од страна на припадници од артилерискиот баталјон.
По повод празникот, делегации од Министерството за Одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија на ден 11.10.2014 година положија свежо цвеќе на спомениците во гарнизоните Куманово, Прилеп, Тетово и Штип.
Делегација на МО и АРМ предводена од командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски положи свежо цвеќе на „Спомен Костурница“ во Куманово, делегација од гарнизонот Прилеп на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски-Питу и на Могилата на Непобедените, делегација од гарнизонот Штип во „Алејата на народните херои“ и „Споменикот на Револуцијата“ во Штип и делегација од гарнизонот Тетово на споменикот на револуцијата во Тетово.