По повод навршување на 20 години од трагичното загинување на командантот на бВП, капетан 1 класа Љупчо Мирчовски, со полагање букет свежо цвеќе му беше оддадена почит пред спомен-обележјето подигнато во негова чест, пред командата на Баталјонот на воена полиција во касарната „Илинден“ во Скопје.
На поменот присуствуваа претставници од единиците сместени во касарната „Илинден“, членови на потесното семејство на загинатиот командант, роднини и пријатели.
Пред присутните се обрати командантот на Баталјонот на воена полиција, потполковник Кире Николовски, кој се наврати на ликот и делото на капетан 1 класа Љупчо Мирчовски, притоа истакнувајќи ги неговата професионалност, упорност, истрајност и големото разбирање во работата при извршувањето на поставените задачи, обврски и цели во градењето на имиџот и афирмацијата на единицата и Армијата. „Нам како припадници на бВП и Ваши следбеници ни останува обврската и честа да чекориме по патот кој го трасиравте и со гордост и благодарност да се сеќаваме на Вашиот лик и дела, горди сме што бевте наш командант“ – истакна потполковник Николовски.
Поменот се одржа во согласност со препораките на Министерството за здравство и мерките за превенција и спречување на ширењето на вирусот COVID-19.
ЃТ/ЧС