Командантот на 15. инженериски баталјон на Армијата на САД, стациониран во Европа (USAREUR), потполковник Џон Мекнамара, во придружба на главниот наредник и претставник од Канцеларијата за одбранбена соработка на САД, во Република Македонија престојува во дводневна работна посета на инженерискиот баталјон (инжб) од составот на првата механизирана пешадиска бригада.
Пред присутните се презентираше организациско-формациската структура на единицата, декларираните водови во инжб, обуките и вежбите одржани во земјата и странство, позначајните активности во изминатиот период и активностите кои следат. Исто така, се изврши и разгледување на инженериските машини, моторните возила и инженериска опрема со кои располага инжб.
Посетата на инжб се реализира во соработка со Канцеларијата за билатерална соработка на Армијата на САД за 2018 година, со Армијата на Република Македонија. Нејзина цел е продолжување на соработката помеѓу 15. инженериски баталјон на Армијата на САД во Европа и инженерискиот баталјон, во заедничките обуки и учества на вежби. Воедно, посетата се искористи за координација помеѓу командантите на инженериските единици за претстојната меѓународна вежба „Saber Strike 18“, на која ќе учествуваат припадници од двете единици, која ќе се одржи во периодот од 24.05. до 15.06.2018 година во Република Полска.