Одбранбеното аташе на Турција, полковник Реџаи Јилмаз, денеска оствари средба со командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски. Средбата се реализира во просториите на Командата за операции (КО), во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
На средбата командантот на КО и одбранбеното аташе на Турција разговараа за билатералната соработка меѓу двете земји, како и за поддршката која Република Турција, како голем донатор, ја дава за Армијата. Меѓу другото стана збор за соработката во областа на модернизацијата и опремувањето на Армијата и за подготовката на НАТО декларираните единици. Исто така се разговараше и за сегашните и идни заеднички вежби, како и за потребата од продолжување и унапредување на ваквата соработка.