На 26 јуни 2026 година, во рамки на Годишната програма за соработка со Асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во Република Северна Македонија, беше реализирана посета на Втор пешадиски баталјон (2.пб) од составот на Прва пешадиска бригада (1.пбр).
Делегацијата беше пречекани од страна на заменикот на командант на 1.пбр полковник Блерим Исмаили и командантот на 2.пб потполковник Ристо Стоев, заедно со припадници од командата и штабот на баталјонот.
За време на денешната посета аташеите се запознаа со историјата, структурата на единицата, мисијата и задачите на единицата, како и тековните и планираните активности, Притоа, тие беа информирани и за процесот на модернизација и опремување на единицата во согласност со НАТО стандардите.
По реализираниот брифинг, делегацијата имаше можност непосредно да се запознае со дел од вооружувањето и опремата со кои располага баталјонот.
Во продолжение на активностите, одбранбените аташеи остварија средба со градоначалникот на општина Пехчево, г. Александар Китански, како и со командирот на Граничната полиција во Пехчево, при што беа запознаени со карактеристиките на општината, како и со организацијата, мисијата и задачите на граничната полиција.
Како дел од посетата, делегацијата го посети и излетничкото место „Равна Река“, лоцирано во живописниот предел на Малешевските Планини во близина на Пехчево.
Посетите на единиците на 1.пбр од страна на одбранбените аташеи претставуваат редовна активност која се реализира врз основа на Програмата за соработка помеѓу Министерството за одбрана и Асоцијацијата на одбранбените аташеи акредитирани во земјава.
ГЃ/ДЧ







