Во касарната „Чојлија“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод приемот на должност командир на Атомска биолошка и хемиска одбрана (чАБХО). Пред стројот на четата, во присуство на дел од штабот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) и командантот на бригадата бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, за командир на чАБХО е поставена поручник Оливера Томовска.
„Особена чест и задоволство ми е што ќе бидам командир на чАБХО. Огромен предизвик е да се командува и менаџира со единица која е специфична и единствена во АРМ по своите функционални задачи. Голема одговорност е АБХ поддршката не само на 1.мпбр во чиј состав е четата, туку и на сите единици на АРМ. Мојата посветеност како командир на четата АБХО ќе биде во насока на понатамошното успешно реализирање на задачите и мисијата на четата, со професионализам и лојалност сите припадници од единицата ќе продолжиме да работиме за да постигнуваме се подобри резултати.“ – истакна поручник Томовска при приемот на стројот на четата АБХО.
Мисијата на чАБХО е да обезбеди висок степен на обученост и борбена готовност на мирновремениот состав и да биде во готовност за организација и извршување на задачи за АБХ поддршка за потребите на силите за брза реакција во сите услови, да подготви и изврши мобилизација на резервниот состав и да достигне целосна готовност за организација и извршување на задачи за АБХ поддршка за потребите на силите под команда на 1.мпбр во извршување на борбените задачи во доделените зони.