Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со церемонијалниот чин на предавање на военото знаме, со придржување на предвидените мерки и протоколи за заштита од вирусот „COVID-19“, се изврши примопредавање на должноста командант на 1. пешадиски баталјон (1.пб) од составот на 1. пешадиска бригада (1. пбр).
Должноста командант на 1.пб, од потполковник Мирче Тасев, ја прими потполковник Љупчо Велков, кој досега извршуваше должност во Генералштабот на Армијата.
На церемонијата командантот на 1. пбр, полковник Бесник Емини истакна дека единицата досега даде несебична помош на локалната самоуправа во справување со „COVID-19“, а поддршката и соработката продолжуваат и понатаму во согласност со одлуката за вклучување на Армијата во помош на институциите и граѓаните.
Досегашниот командант, потполковник Тасев, се заблагодари на единицата за укажаната поддршка во текот на неговото командување со единицата и истакна: „Во текот на работата се соочивме со многу предизвици, но и покрај сите потешкотии ние излеговме посилни, затоа што никогаш не се откажавме од вербата која не води – дека заедно можеме подобро и повеќе“.
Новопоставениот командант, потполковник Велков се заблагодари за довербата која му е дадена за оваа одговорна функција и истакна дека ќе продолжи да работи посветено, спроведувајќи ги одлуките за асистенција на органите и институциите на државната и локалната власт, како и асистирање на Министерството за внатрешни работи при извршување на дадените задачи во справување со мигрантската криза на дел од јужната и северната граница.
ИН/ГЃ/ЧС