Денес, во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, се одржа воена свеченост по повод примопредавањето на должноста Командант на артилерискиот баталјон (артб), од составот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Должноста командант на артб, потполковник Ѓорѓи Василевски ја прими од потполковник Ивица Цветковски.
На свеченоста присуствуваше командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, команданти и претставници од командите и единиците на АРМ, како и претставници од органите на локалната самоуправа.
Пред стројот на единицата и присутните гости во своето обраќање, командантот на 1.мпбр бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, му се заблагодари на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото командување со единицата, а на потполковникот Ѓорѓи Василевски му упати искрени честитки по повод стапувањето на новата должност, со желба за успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со баталјонот во наредниот период.
Досегашниот командант на артб, потполковникот Ивица Цветковски, во својот говор меѓу другото им оддаде признание на припадниците на баталјонот за вложениот труд во извршувањето на задачите и предизвиците со кои единицата успешно се справуваше во текот на неговото командување.
Потполковникот Ѓорѓи Василевски, се заблагодари на укажаната доверба, за поставување на оваа одговорна должност,ветувајќи дека ќе го даде својот максимум, во единицата во која ја започна својата кариера, за постигнување на уште подобри резултати во извршувањето на своите задачи во иднина.
На крајот од свеченоста, по свеченото примопредавање на военото знаме на баталјонот, со што и официјално беше извршено примопредавањето на должноста Командант на артб, присутните имаа можност на тактичко техничкиот збор да го разгледаат вооружувањето и опремата со кои располага единицата
ВХ/СМ