Во периодот од 03.11. до 22.11.2024 година, штабни офицери од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр), учествуваа на најголемата артилериска вежба до сега реализирана во Европа ,, Динамички фронт 25“(“Dynamic Front 25“) во Графенвер, СР Германија. Оваа вежба вклучуваше и вежби во: Естонија, Романија, Полска и во нордиските земји: Норвешка, Шведска и Финска.
Покрај припадниците на нашата Армија, на меѓународната вежба учествуваа и припадници од останатите земји членки на НАТО. Вежбата имаше за цел да се развие интероперабилноста во артилериските единици на НАТО за изведување на воени операции во сурови арктички услови и да се унапреди синхронизацијата и координацијата со останатите земји членки на НАТО.
Вежбата „Dynamic Front 25“ беше уникатна артилериска вежба водена од страна на Армијата на САД, а следена од страна на НАТО сојузниците и партнерите. Фокусот на вежбата беше ставен на интероперабилност на индиректната огнена поддршка, синхронизирајќи ја интероперабилноста низ човечките, процедуралните и техничките аспекти на огнената поддршка. „Dynamic Front 25“ беше тактичка вежба со артилериски боеви гаѓања на која ѝ претходеше симулациски поддржана штабна вежба.
Персоналот во склоп на Коњичкиот полк од Армијата на САД уште еднаш го покажа своето високо ниво на обученост и подготвеност за работа со нашите сојузници во решавање на комплексни задачи во спроведување на артилериски оган и активности во реални услови. Извршувањето на доделените задачи беше забележано од страна на претпоставената команда на артилерискиот полк од ВС на САД, во чиј состав беа потчинети и штабните офицери од 1.пбр. При тоа, за својот ангажман на припадниците на 1.пбр им беше доделен сертификат за учество на вежбата.
Доделените задачи за офицерите во штабот на артилерискиот баталјон од 2. коњички полк, беа навремено и професионално извршувани на потребното ниво и согласно со сценариото на вежбата, додека офицерите во штабот на дивизиона индиректна огнена поддршка во 1. коњички полк во тимот за планирање на огнови и во тимот за контрола на огнот, го покажаа своето ниво на обученост и подготвеност за извршување на задачи од оваа област во вежби водени од нашите НАТО сојузници.
ГЃ/ДЧ