Денес 21.10.2015 година во касарната „Илинден“ во Скопје се реализира воена свеченост на која припадниците на баталјонот за врски го одбележаа денот на единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорѓе Иванов, 21 октомври е одреден за Ден на баталјонот за врски, како датум со кој се одбележува значаен историски настан.
Баталјонот за врски (бв) од составот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) е носител на традициите на формирањето на одделението за врски при главниот штаб на Народно Ослободителната Војска и Партизанските Одреди на Македонија.
На свеченоста присуствуваа: Заменикот на Началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Мухамет Рацај, командантот на ЗОК, бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, претставници од ГШ на АРМ и од ЗОК, команданти на единиците кои се стационирани во касарната Илинден, поранешни команданти на единицата и останати гости.
Во говорот пред присутните од страна на командантот на баталјонот за врски потполковник Драган Ѓоргиевски покрај краткиот историски осврт на единицата се истакнаа и постигнатите резултати на бв при извршување на поставените задачи, како и подготвеноста да се одговори на сите предизвици од својот домен.
Оваа единица со успех ја обезбедува потребната комуникациско информациска поддршка и непречено функционирањето на врските во командувањето и контрола помеѓу командите и единиците во АРМ.
Во рамки на свеченоста се прочитаа пристигнатите честитки до припадниците на баталјонот за врски, а се доделија и стимулативни мерки по повод денот на единицата.
На завршеток од свеченоста се прикажа дел од специјалната опрема со која располага баталјонот за врски, потребни за успешно извршување на мисијата на единицата.