Во деновите од 26.03. до 30.03.2018 година во инженерискиот баталјон (инжб) од составот на првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), заедно со тим од 572-риот инженериски баталјон од составот на Националната гарда на Вермонт од САД, беше организирана и реализирана активност на тема „Engineer Mobility and Counter Mobility“.
Тимот од Вермонт, од страна на командантот и штабот на инжб, беше запознаен со мисијата на инжб, неговата организациско-формациската стуктура, декларираните единици од инжб, учеството на вежби во земјата и странство, позначајните активности на баталјонот како и со дел од опремата на инжб.
Претставниците од инженерискиот баталјон на Националната гарда на Вермонт извршија презентација по неколку теми: „Мисија и преглед на персоналот и опремата на инженериската единица од составот на Националната Гарда на Вермонт“, „Можностите и способностите на инженериската единица“, „Формациска структура на единицата“, „Опременост на единицата“ и „Начин на проверка на поставени минско-експлозивни и импровизирани средства“.
За време на посетата персонал од инжб реализираше показна вежба на тема: „Расчистување на делница од пат од импровизирани експлозивни направи“. На истата учество зеде и тимот на инженериската единица од Гардата на Вермонт како и уште еден пионерски вод од инжб во улога на непријателски сили.
На вежбата пионерскиот вод при расчистувањето на делницата на пат користеше детектор за откривање на експлозивни направи – Valon VMV 4 вграден на ОТ Хермелин и рачни минодетектори Valon VMV 3. Уништувањето на импровизирани експлозивни направи се изврши со воден топ ,,DISRUPTER FORCE WARE 12,7 mm“.
Показната вежба ја проследи и одбранбеното аташе и неколку други претставници од Канцеларијата за билатерална соработка од Амбасадата на САД во Република Македонија.
Посетата беше во организација и соработка на Канцеларијата за билатерална соработка на Воените Сили на САД и Армијата на Република Македонија кои веќе три години по ред имаат плодна соработка и вежбовни активности на инженериските единици на АРМ и националната гарда на Вермонт, САД.