Бригадата за логистичка поддршка како највисока единица од доменот на логистиката во АРМ, чија основна мисија е планирање, организирање, координирање и извршување на логистичка поддршка на командите и единиците на АРМ, со воена свеченост го одбележа Денот на единицата.
По историскиот осврт за Денот на единицата, командантот на бригадата, полковник Цветко Јаневски истакна дека припадниците од составот на бригадата вложувајќи го својот капацитет и знаење, професионално ги извршуваат сите суштински задачи од доменот на логистичката поддршка .
Командантот на ЗОК, генерал-мајор Зоран Милески во своето обраќање честитајќи им го денот на единицата на сите припадници од бригадата им оддаде признание за севкупните постигнувања на единицата од нејзиното формирање па до денес, притоа истакнувајќи ја улогата на логистиката во активностите на АРМ, но и поддршката на МВР при справувањето со мигрантската криза.
На свеченоста се доделија стимулативни мерки за остварени резултати во работата, како и за најдобро пласираната екипа од одржаните спортски натпревари кои претходеа на одбележувањето на денот.
Изминатите денови во чест на Денот на единицата традиционално се реализираа и голем број спортски натпреварувања и крводарителна акција.
На свеченоста покрај командантот ЗОК Зоран Милески, присуствуваа и генерали на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ, поранешни и пензионирани команданти и други гости.
Со одлука на претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на АРМ, за Ден на брЛП е одреден 20 мај, во спомен на денот кога во 1876 година започнало Разловечкото востание.