Со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово денеска припадниците на Баталјонот за борбено-сервисна поддршка (бБСП) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа денот на единицата.
На свеченоста беа наградени и пофалени одреден број на офицери, подофицери и професионални војници, а во рамки на одбележување на денот на единицата беше реализирана и крводарителска акција на која беа дарувани 40 крвни единици. За најдобар вод во единицата беше прогласен првиот самостоен вод од бБСП.
Во своето обраќање командантот на бБСП, потполковник Шпејтим Черими, се осврна на историското значење на денешниот ден и идните обврски и задачи за единицата, како продолжувач на традициите и вредностите наследени од Првиот пешадиски баталјон и логистичките баталјони.
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во својот говор најпрво ги поздрави присутните гости, а потоа зборуваше за улогата и значењето на бБСП како единица со чија логистичка поддршка, успеваме да ги извршуваме секојдневните задачи и обврски во бригадата. Тој пред припадниците на баталјонот истакна дека треба да бидат горди што се дел од Армијата која ужива најголема доверба кај граѓаните и им порача да продолжат да работат вредно и посветено заедно со останатите припадници на бригадата, за доброто на сите нас и државата, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
Овој баталјон ја има една од најважните улоги кога станува збор за исполнување на НАТО обврските, преточени во планот за развој на Лесната пешадиска борбена група и предизвиците што претстојат за единицата во обезбедување на соодветна логистичка поддршка на сите оперативни единици на Армијата, вклучително и најголемиот број на гарнизони во државата.
На свеченоста присуствуваа делегација од Командата за операции предводена од бригаден генерал Бесник Емини, делегација од командата и штабот на 1.пбр предводена од командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на бригадата СЕЕБРИГ, бригаден генерал Билбил Битри, командантите на баталјони од составот на 1.пбр и останати гости.