Во касарната „Илинден“ – Скопје, се одржа свеченост по повод „21-ви Октомври“ денот на Баталјонот за врски од составот на Здружената оперативна команда.
Во обраќањето на свеченоста заменик командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Павле Арсоски го истакна значењето на баталјонот за врски за функционирање на Армијата на Република Македонија. Исто така оддаде јавно признание на припадниците на баталјонот за врски за досегашните постигнати резултати во работата.
Командантот на баталјонот за врски, потполковник Драган Ѓорѓиевски меѓу другото истакна дека по заминувањето на ЈНА од територијата на Република Македонија на 1.Април 1992 година се формираше 1.Полк за врски кој ги превзема сите издвоени објекти и комуникациски центри за врски во Република Македонија како и прием и прифаќање на првите регрути војници врскари во независна Република Македонија. Од тој ден единиците за врски се нераздвоен дел од Армијата на Република Македонија. Денес, во Армијата на Република Македонија со својата формациска поставеност и техничка опременост баталјонот за врски е основен носител на потребите на ЗОК, Генералштабот и АРМ воопшто.
По повод Денот на единицата баталјонот за врски организираше крводарителска акција, на која земаа учество голем број на припадници од единицата. Преку дарувањето на крв, чин кој претставува највисоко ниво на хуманост, припадниците на дело ја изразија својата солидарност да се спаси и да се продолжи нечиј живот.
Исто така беше прикажана дел од специјалната опрема со која располага баталјонот за врски, кој заедно со високо стручно и професионално изградени старешини и цивилни лица многу успешно ја извршува својата мисија.
Денес, во современите услови на живеење владеењето со информациите е од непроценливо значење. Оттаму баталјонот за врски живее и работи под мотото: ИНФОРМАЦИЈАТА Е МОЌ (INFORMATIO POTENTIA EST).
На свеченоста беше прочитана честитка од Началникот на ГШ на АРМ, Командантот на ЗОК и други, до припадниците на баталјонот за врски, како и стимулативни мерки по повод „21-ви Октомври“ денот на Баталјонот за врски.
На свеченоста присуствуваа заменик командант на Здружената оперативна команда бригаден генерал Павле Арсоски, претставници од ГШ на АРМ, сегашни команданти во АРМ, поранешни команданти на полкот и баталјонот за врски, медиуми, претставници од локални самоуправи како и претставници на фирми соработници на единицата.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на вооружените сили, баталјонот за врски го слави 21-ви октомври, денот кога во 1943 година е формирано одделението за врски при Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија, како прва организирана единица за функционирањето на врските во современата македонска историја.