На ден 1 октомври 2018 година, во Центарот за поддршка на обуката (ЦПО) „Пепелиште“ се одржа свечено отворање на активноста за реализација на техничко гаѓање, тренажни гаѓања и гаѓање на цели во воздушен простор (ВоП) „Предизвик-18“, со што продолжува билатералната соработка со вооружените сили на Република Словенија.
На чинот на свеченото отворање присуствуваше командантот на воздухопловната бригада, полковник Роберт Малезански. На отворањето обраќајќи се пред учесниците на вежбата тој го истакна значењето на оваа билатерална соработка за сквадронот за борбени хеликоптери (СБХ) и баталјонот за противвоздушна одбрана (бПВО). Исто така го искажа задоволството од продолжувањето на билатералната соработка со вооружените сили на Република Словенија.
На присутните се обрати и началникот на Ј-7/ЗОК, полковник Звонко Мајсторски, кој во својот говор го истакна задоволството од континуираната соработката со вооружените сили на Република Словенија во делот на военото воздухопловство и противвоздушна одбрана и продолжување на серијалот на вежби „Предизвик“. Воедно истакна дека ова е продолжување на вежби, во чии рамки ќе се реализираат технички гаѓања со полски тренажер и лесен преносен систем ЛПРС – „Игла-С“, како и гаѓања со хеликоптер „Ми-24“ и авион „Пилатус“.
Свое обраќање пред присутните имаше и главниот раководител на гаѓањето на вооружените сили на Република Словенија, потполковник Гаубе Јанез, кој ги повтори очекувањата и задоволството за продолжување на соработката со претставниците од Армијата на Република Македонија.
ГИ/ЗЦ