Денес 19 декември, во бригадата за логистичка поддршка (брЛП) свечено се одбележа 21-ви декември, ден на Воено-медицинскиот центар (ВМЦ).
На свеченоста присуствуваа: претставници од Генералштабот на Армијата на Република Македонија (ГШ на АРМ), Здружената Оперативна Команда (ЗОК), командантот на Команда за обука и доктрини, команданти на бригади и баталјони од составот на АРМ и други гости.
Командантот на брЛП, полковник Владимир Стојановски, честититајќи го денот на единицата, пред присутните истакна дека за да се биде дел од военото здравство, покрај стручноста потребна е дополнителна пожртвуваност и посветеност, по што нашите припадници се препознатливи како во земјата така и во меѓународните вежби и мировни операции АЛТЕА и ИСАФ, што нас не прават посебно горди.
Три години од промоцијата на највисоката медицинска установа во Армијата на Република Македонија, командантот на ВМЦ, полковник доктор Душан Стојановиќ ја нагласи подготвеноста на овој колектив да одговори на предизвиците на новото време и новиот коцепт на делување на санитетската служба.
На свеченоста, по повод денот на единицата беа прочитани честитки од Началникот на ГШ на АРМ, командантот на ЗОК, како и доделените стимулативни мерки за постигнатите резултати во работењето на дел од припадниците на ВМЦ.
Со одлука на Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија за определување на ден на единиците на АРМ, за ден на ВМЦ е определен 21 декември, ден кога е извршена промоција и свечено отварање на ВМЦ како највисока медицинска установа во АРМ.