На 20 и на 21 јуни 2019 година во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град, (КОСА-ГГ) на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи и во Главниот Штаб на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, се одржаа пригодни церемонии по повод примопредавањето на должноста помеѓу деветтата и десеттата ротација на македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
По тој повод, покрај припадниците на македонскиот контингент, присуствуваа и командантот на КОСА-ГГ, турскиот бригаден генерал Јашар Дилбер, команданти и одговорни старешини од командните на единиците од КОСА-ГГ, старешини од американскиот, од турскиот и од другите контингенти кои партиципираат во мисијата „Одлучна поддршка“. Покрај обраќањето на бригадниот генерал Јашар Дилбер, пригодни обраќања имаа досегашниот најстар национален претставник на деветтиот македонски контингент, полковник Љупчо Јовановски, како и најстариот национален претставник на новиот, десеттиот македонски контингент, полковник Ѓорѓи Митриновски.
Покрај искажаното задоволство од квалитетот и посветеноста во извршувањето на задачите, полковникот Јовановски изрази благодарност за несебично укажаната помош од страна на припадниците на турскиот контингент за време на извршувањето на мисијата.
„На секој припадник на македонскиот контингент поединечно му честитам за посветеноста и вложената енергија во извршувањето на своите должности. Со вашата посветеност и професионалност во извршувањето на задачите, уште еднаш докажавте дека сме достојни репрезенти на нашата земја и на нашата Армија“.
Полковникот Ѓорѓи Митриновски во своето обраќање нагласи дека Република Северна Македонија, уште од 2002 година континуирано го дава својот успешен придонес, најнапред во мисијата – ИСАФ, а потоа и во мисијата „Одлучна поддршка“ и искажа уверување дека за време на мисијата на новиот контингент нашата земја ќе стане 30-та земја-членка на НАТО. Тој, меѓу другото, рече: „Денес, на оваа официјална НАТО-церемонија помеѓу деветтата и десеттата ротација на македонскиот контингент, би сакал да нагласам дека Република Северна Македонија продолжува со успешниот придонес за сигурноста, стабилноста и развојот на ИР Авганистан, заедно со нашите пријатели од НАТО“. Обраќајќи се до припадниците и на двата македонски контингенти, полковникот Митриновски нагласи: „Нашите претходници поставија високи стандарди во работата. Тоа е голем предизвик и за сите нас. Јас сум уверен дека старешините од десеттата ротација ќе продолжат да работат во истиот дух и со истата посветеност и одговорност во извршувањето на своите должности, ефективно и успешно, како и нашите претходници“.
На сите штабни старешини од деветтата ротација им беа доделени благодарници од страна на бригадниот генерал Јашар Дилбер.
На церемонијата на примопредавање на должноста на единицата за обезбедување во Главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, покрај командантот на Регионалната група за поддршка, полковникот на Вооружените сили на САД, Марија Хуарез, присуствуваа и свои обраќања имаа досегашниот и новиот најстар национален претставник на македонскиот контингент. Во своето обраќање, меѓу другото, полковникот Хуарез искажа пофални зборови за посветеноста, професионалниот однос кон задачите и несебичното залагање во работата на припадниците на македонскиот контингент.
На свеченоста на сите припадници им беа доделени благодарници за придонесот во мисијата „Одлучна поддршка“, а на командирот на единицата, капетан Мартин Спасовски, од страна полковникот Хуарез му беше доделена плакета за успешното извршување на задачите и придонесот на единицата во мисијата „Одлучна поддршка“.