Градот Норфолк во Сојузната држава Вирџинија, САД, е претпознатлив како седиште на многу културни настани во текот на целата година, пресликани во уметничка програма на градот или Art Fest Virginia Events. Ова се должи на историскиот контекст на Норфолк и Вирџинија, а особено што градот е седиште на II Флота на Морнарицата на САД, односно најголемата морнаричка база во државата. Дел од морнаричката Naval Base Norfolk е и седиште на Командата за трансформација на НАТО (Allied Command Transformation-ACT) и Командата на здружени сили-Норфолк (Joint Forces Command-Norfolk-JFCN).
Особена гордост на градот е организацијата на фестивалот Norfolk NATO Festival, посветен на НАТО и е благодарност од страна на советот на градот Норфолк во чест на оваа политичка и воена организација. Значењето на фестивалот од организациски аспект и учеството на истиот е високо на агендата на командантот на АСТ. За таа цел, македонското воено претставништво во рамките на АСТ, оваа година зеде учество на сите настани за време на одржување на фестивалот во период од 24 -26 април 2025 година. Почнувајќи од отворањето на настанот, каде со свечено дефиле беа презентирани знамињата на државите членки, кулминација на фестивалот беа презентациите на две работни точки: парада на нациите и меѓународно село, реализирани на ден 26.04.2025 година. Двата настана на фестивалот беа искористени за достојно презентирање на македонските државни симболи, култура и обичаи. Задоволство за ангажманот и посветеноста на военото претставништво за оваа активност изрази и командантот на АСТ за време на остварената неформална средба. Националните презентации, на двата настана, беа проследени и од страна на македонското одбранбено аташе во САД и неговиот помошник. Голема благодарност упатуваме и до македонската заедница од Њу Џерси, САД, која нѐ поддржа за достојно презентирање на државата.