Синоќа, 29-ти мај 2014 година, Воениот оркестар на АРМ за прв пат со свој настап се претстави пред граѓаните на Делчево. На концертот кој се одржа во исполнетата сала на Домот на културата во Делчево граѓаните на овој град, вистински уживаа во едночасовниот концерт на Воениот оркестар. Припадниците на баталјонот за почести, вештините во работа со оружје пред граѓаните на Делчево ги покажаа со изведување на точката ,,ЕГЗИРЦИР“ на Летната сцена во центарот на Делчево.
На концертот во Делчево присуствуваше началникот на штабот на Здружената оперативна команда на АРМ, бригаден генерал Стојан Димчов, градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански и други гости. Одличната изведба на нумерите од страна на Воениот оркестар, како и настапот на припадниците на баталјонот за почести, наиде на воодушевување кај граѓаните на Делчево, кои синоќа припадниците на АРМ ги наградија со аплауз. Во текот на вчерашниот ден во центарот на Делчево припадниците на Првата механизирана пешадиска бригада организираа отворен ден со изложба на дел од вооружувањето и опремата со кои се опремена оваа единица, што наиде на огромен интерес кај граѓаните на Делчево.
Синоќешниот промотивен концерт на Воениот оркестар во Делчево е втор од планираните концерти кои во текот на 2014 година е предвидено да се реализираат во повеќе градови низ Република Македонија, како продолжување на проектот за соработка со локалната самоуправа во Република Македонија, чија основна цел е низ дружење, АРМ да се доближи до граѓаните и во градовите каде нема гарнизони.