Вчера, на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје, воениот оркестар на АРМ и воен оркестар „Мехтеран“ на Вооружените сили на Република Турција преку заедничкиот настап пред македонската публика, покажаа дека односите и соработката помеѓу Република Македонија и Република Турција, на сите полиња, се на највисоко ниво.
На концертот, присуствуваа: претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерот за одбрана, Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија, генерали на АРМ, претставници на политички партии и други високи претставници на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
„Оваа заедничка активност е уште една од низата настани со кои се потврдува соработката помеѓу АРМ и вооружените сили на Република Турција и го покажува и докажува цврстото пријателство помеѓу двете земји“, истакна началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, на овој свечен настап.
Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Гурол Сокменсуер посочи дека преку овој настан ние сме „сведоци на пријателството и блискоста, на соединувањето на минатото и иднината, на уметноста и војската, како и на пријателството, братството и соработката помеѓу турските вооружени сили и Армијата на Република Македонија“.
Во рамките на овој прв заеднички настап кој е дел од активностите за одбележување на 115-годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола, воениот оркестар на АРМ и турскиот воен оркестар изведоа композиции од своите репертоари. Посебна атракција на концертот беше изведбата на нараодната песна ,,Јовано Јованке“ од страна на воениот оркестар од Република Турција, како круна на настапот беше заедничката изведба на композиција која беше посебно компонирана за оваа прилика.
Големиот број на граѓани кои присуствуваа на концертот со воодушевување ги следеа култниот настап на воениот оркестар „Мехтеран“, како и одличната изведба на воениот оркестар на АРМ. Ваквите настапи се одлична прилика за проширување на партнерството со Вооружените сили на Република Турција, кое се одвива на многу полиња.