Делегација на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана, предводена од началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски со полагање венец свежо цвеќе пред спомен одбележјата во с. Љубанци и с. Волково, одаде почит на загинатите припадници на безбедносните сили.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и генералот Ѓурчиновски положија венец свежо цвеќе и одадоа почит на припадниците од состав на Армијата кои пред 22 година, загинаа во месноста Љуботенски бачила пред спомен одбележјето во касарната „Илинден“.
Делегацијата на МО и Генералштабот на Армијата положи венец свежо цвеќе и пред спомен одбележјето на бранителот Томислав Настевски, во општината Ѓорче Петров.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски бачила при активирање на мина животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.