Во пресрет на меѓународниот ден на жената, Армијата на Република Северна Македонија и оваа година традиционално го одбележа со повеќе активности, како учество на конференции и панел дискусии, но и традиционалниот собир на припадничките во Генералштабот и во потчинетите команди и единици.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваше на традиционалниот собир со припадничките на понежниот пол од Генералштабот на Армијата.
Генералот Ѓурчиновски упати честитки до сите припаднички на Армијата за нивната посветеност и професионализам при што им беше оддадено признание за придонесот во извршување на работните задачи во спроведување на активностите на Армијата.
Процентот на застапеноста на женскиот персонал во Армијата во моментот изнесува 10,65 отсто од кои во униформираниот дел се 9,32 проценти (офицери се 18,16 отсто, подофицери 11,80 отсто, војници 5,88 отсто) додека жени цивили има 30,15 отсто. Трендот на подобрување на застапеноста на жените во структурата на Армијата продолжува, особено кај офицерскиот кадар, така да веќе со највисокиот чин полковник во Армијата имаме 7 полковнички и 44 потполковнички, а за прв пат е поставена припадничка на Армијата за началник на секција во Генералштабот.