Денес, 6 Јуни 2019 година, реализирани се повеќе активности во рамки на вежбата „Одлучен Удар. Денот започна со утринско гостување на националната телевизија на припадници од АРМ и вооружени сили на САД, каде преку разговор јавноста имаше можност да се запознае одблиску со активностите кои ќе се одвиваат на најголемата вежба реализирана досега во нашата земја.
Во текот на денот согласно планот на вежбата, а во рамките на програмата за цивилно-воена соработка беше реализирана донација на книги на англиски јазик од страна на вооружените сили на САД, во основното училиште „Страшо Пинџур“ и основните училишта во с. Криволак и с. Пепелиште. Учениците од овие училишта од денес можат да го збогатуваат своето јазично знаење со оваа вредна лепеза од донираните книги.
Исто така медицинските тимови од националната гарда на Пенсилванија и Средната пешадиска баталјонска група (СПБГ) од нашата армија реализираа заедничко извежбување и размена на искуства од доменот на прва помош, третирање на ранети и евакуација на повредени со хеликоптер Ми-17. Потоа втората пешадиска чета од (СПБГ) спроведе активност „Ескортирање на конвој“. Согласно сценариото на вежбата во текот на движењето на конвојот од возила, едно од возилата наиде на импровизирана експлозивна направа (ИЕН) и заседа, при што две лица беа повредени и беше извршена нивна евакуација со хеликоптер Ми-17.
Во текот на денот ќе се реализираат и останатите планирани активности согласно листата на инциденти и настани меѓу кои пешадиски напад на база, артилериски напад на база и одделенски боеви гаѓања.
ИН/ЗД