Денес, 29-ти април, Министерот за одбрана Талат Џафери и Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески остварија средба со медицинскиот тим на АРМ кој во наредните шест месеци ќе учествува во шеснаесеттата ротација за мисијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
За време на средбата, министерот Џафери и генералот Котески беа запознаени со работата и задачите на тимот во рамките на мисијата „АЛТЕА“.
Министерот Џафери изрази задоволство од досегашната работа на медицинскиот тим на АРМ во мисијата „АЛТЕА“, при што нагласи дека од шеснаесеттата ротација на АРМ во мисијата „АЛТЕА“, очекува продолжување на успешното претставување на АРМ и беспрекорно извршување на задачите.
Генералот Котески истакна дека медицинскиот тим на АРМ во изминативе години на најдобар начин ги покажа способностите и интероперабилноста на АРМ во рамките на мисијата на ЕУ, но и дека даде огромен придонес во афирмацијата на АРМ и Република Македонија.
По повод упатувањето на шеснаесеттата ротација на АРМ во мисијата „АЛТЕА“ по средбата, пред командата на бригадата за логистичка поддршка на АРМ се одржа пригодна свеченост на која присуствуваше началникот на штабот на ЗОК бригаден генерал Стојан Димчов.
Медицинскиот тим на АРМ ќе биде предводен од мајор Ирена Динева, а составен е од 10 лица, стручен медински и помошен персонал, чија задача во рамките на мисијата „АЛТЕА“ е обезбедување на општа медицинска помош за потребите на силите на ЕУФОР, кои се сместени во кампот Бутмир кај Сараево. Покрај медицинскиот тим, во рамките на „АЛТЕА“, од АРМ ќе биде распореден и еден офицер – правен советник на командантот на ЕУФОР.
Медицинскиот тим на АРМ деновиве ги завршува последните подготовки пред поаѓање за Бутмир, така што редовната ротација е планирано да се изаврши на почетокот од месец мај.