Денес, (20-ти април 2015 година) Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески се сретна со бригадниот генерал Волфганг Рихтер, помошник на началникот на штабот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол.
На средбата, генералот Котески искажа благодарност за поддршката од командата на НАТО во Неапол, каде АРМ има распоредено двајца штабни офицери. Тој ја истакна посветеноста на АРМ кон одржување на достигнатите стандарди на Алијансата, кои припадниците на АРМ во пракса ги применија низ учеството во мисиите предводени од НАТО, како и заложбата за понатамошна примена на Концептот за оперативни способности. НГШ на АРМ укажа на улогата на командата на НАТО во Неапол, во поддршката на Република Македонија за полноправно членство во НАТО, пред претстојниот Самит на Алијансата во Полска.
Генералот Рихтер ја нагласи улогата на Република Македонија и АРМ во градењето на регионалната и глобалната безбедност и искажа благодарност за придонесот на АРМ во борбата против тероризмот, како и за спроведените реформи неопходни за приближување кон НАТО.