Во касарната „Алексо Демниевски-Бауман” во Велес се одржа воена свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од генерацијата „Февруари 2016 година“.
По повод свеченоста, на заклетвата присуствуваа: началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, државниот секретар на МО, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова, команданти и претставници на потчинетите команди и единици на АРМ, претставници од локалната самоуправа, претставници од верските заедници, роднини на војниците како и други гости.
Во своето обраќање државниот секретар на МО, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во наредните три месеци во редовите на АРМ. Таа посочи дека воената професија е предизвик, чест и гордост за сите амбициозни млади луѓе и дека нивната мисија е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љупчо Костовски во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Особено внимание ќе се посвети на нивно оспособување во ракување со личното вооружување и опрема, правилна примена на тактиките, техниките и процедурите при извршување на задачите во сите услови. Стекнатите знаења и вложениот труд секако дека понатаму ќе бидат вреднувани и ќе бидат еден од елементите за сите оние кои ќе ја изберат војничката професија како решение за својата иднина.
Ова е дваесет и осма генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок. Заклетва дадоа 73 војници, од кои 4 се припаднички од понежниот пол.