Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски оствари средба со генерал-мајор Иан Кејв заменик на началникот на штаб за планирање на Здружената команда на НАТО, Неапол кој се наоѓа во дводневна работна посета на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Во текот на средбата, беше констатирано дека соработката помеѓу Здружената команда на НАТО и АРМ е на високо ниво, за што потврдува учеството на НАТО тимовите при оценувањето на декларираните единици на АРМ во случај на распоредување во мисиите предводени од НАТО, поддршката која ја даваат во процесот на обуката мобилните тренинг тимови од Здружената команда на НАТО во Неапол.
Во рамки на денешната посета, генерал-мајор Иан Кеjв ги посети 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) и Центарот за обука на пилоти, каде беше одржана презентација за Средната пешадиска баталјонска група, декларирана единица на АРМ, оценувана согласно Концептот за оперативни способности.