Денес (3-ти октомври), Генералштабот на АРМ го посети делегација на Атланскиот совет на Канада на која домаќин и беше директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски. На средбата, гостите од Канада беа запознаени со трансформацијата на АРМ, реформите во одбраната и учеството на АРМ во мировните мисии. Генералот Петровски искажа благодарност за поддршката која Република Македонија ја добива од Канада на патот кон полноправното членство во НАТО, при тоа нагласувајќи дека во изминативе петнаесеттина години, околу 300 припадници на АРМ се школувале во различни центри за обука во Канада, оценувајќи ја меѓуармиската соработка со Вооружените сили на Канада како успешна.
Атланскиот совет на Канада беше предводен од Џули Линдхоут која го истакна значењето на соработката со Република Македонија на полето на одбраната, при што посебно се осврна на учеството на АРМ во мировните мисии. Делегацијата од Канада на разговорите покажа голем интерес за трансформацијата на АРМ и достигнувањето на стандардите на НАТО, при што беше искажана подготвеност за понатамошно зајакнување на соработката со Канада на полето на одбраната.
Атланскиот совет на Канада претставува невладина, независна организација, чија основна мисија е промоција на меѓународниот мир и безбедност и политиките на НАТО во Канада, со фокус на односите на Канада и САД со Европа, како и поддршка на активности на НАТО. Делегацијата на овој совет од крајот на септември се наоѓа на патување низ Европа, при што ќе ги посети: Република Турција, Република Албанија и Република Македонија.