Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Словачката Република предводена од генерал Милан Максим во текот на денешниот ден по средбата со Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Вооружените сили Ѓорге Иванов ја посети јужната граница на Република Македонија.
Во реонот на караулата „Богородица“ од страна на припадниците на Армијата на Република Македонија делегацијата во присуство на полициските сили на Словачката Република кои се ангажирани на јужната граница, се запозна со севкупната ситуација на јужната граница поврзана со бегалската криза, а воедно им се презентираа активностите кои ги спроведува АРМ.
Армиската делегација на Словачките ВС со особен интерес ги проследија презентираните мерки кои АРМ ефективно ги спроведува при спречување на нелегално минување на државната граница, согласно доделените задачи за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница, а чии ефекти се видливи и за државите од Европската Унија.
Од самиот почеток на ангажирање припадниците на АРМ со професионално применување на превентивни активности како што се набљудување, патролирање и извидување секојдневно спречуваат десетици, а во одредени денови и стотици обиди за нелегални преминувања на државната граница при што до денеска се спречени повеќе од десетици илјади такви обиди.
Од страна на генералот Максим на крајот од ова дводневна посета се изрази благодарност за споделените искуства на АРМ во справувањето со предизвиците од мигрантската криза, кое претставува одлична основа за продлабочување на понатамошната соработката, размена на искуства и поддршка на АРМ за полноправно членство во НАТО воениот сојуз.