Во рамки на посетата на Воениот комитет на НАТО, воените претставници на ова највисоко воено тело на НАТО, денес ја посетија касарната „Илинден“ во Скопје, каде се запознаа со капацитетите и подготвеноста на дел од декларираните единици на АРМ.
За време на посетата, пред високите воени претставници предводени од заменик претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал-потполковник Стивен Шепро преку показните вежби: Динамички упад во зграда, Обезбедување на висок воен раководител, Уништување на импровизирана експлозивна направа, Заседа и Препад на објект и ослободување на заложник, припадниците на декларираните единици од полкот за специјални операции, хеликоптерскиот детачмент, четата на воена полиција и инженерискиот вод го демонстрираа потребното ниво на интероперабилност и подготвеност на декларираните единици, при евентуалното учество во мисиите предводени од НАТО.
Посетата се заокружи со тактичко технички збор, каде беше изложена дел од опремата која ја користат припадниците на полкот за специјални операции и Здружената оперативна команда.