Во организација на Генералштабот на АРМ, во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа „11-то Армиско првенство во крос кантри трчање“, во должина од 10 километри во машка и 5 километри во женска конкуренција.
Заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, на отворањето го истакна значењето на спортот, физичката подготвеност и кондиција за здравјето и успешно извршување задачите на војничката професија.
Заменикот на командантот на полкот за специјални операции (пСО), полковник Сашко Лафчиски во своето обраќање изрази задоволство што и оваа година покрај припадниците на АРМ традиционално учествуваат и претставници од Атлетската Федерација на Македонија, воедно порачувајќи им на сите учесници унапредување на нивните резултати.
Победник на годинешниот крос-кантри во машка конкуренција на патеката во должина од 10 километри е професионален војник Милош Ранчиќ, второ место професионален војник Трајче Илиевски и трето место мајор Игор Јакимовски. Во женска конкуренција на 5 километри, најдобро истрча поручник Јулијана Апостолоска, на второ место се пласираше постар водник 1класа Марија Пеликон и трето место питомец Благица Стефановска.
Во екипна конкуренција за мажи првото место го освои екипата на баталјонот за специјални намени, второ место е екипата на Воена академија, а третото место го освои ренџерскиот баталјон, додека кај жените најдобро пласирана е екипата на 1.механизирана пешадиска бригада, второ место Воена академија и трето место баталјонот за почести.
По завршување на натпреварите, на најуспешните поединци и екипи им беа врачени медали и пехари.
Припадниците на армијата со своите респектабилни достигнувања во спортот досега повеќе пати ја афирмираа армијата, како на домашен така и на меѓународен план.