Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета на Соединетите Американски Држави во текот на вчерашниот ден оствари посета на Здружениот Штаб на вооружените сили на САД, во Пентагон.
Во Пентагон, генералот Ѓурчиновски најпрвин оствари средба на високо ниво, меѓу кои со Директорот на Националната Гарда на Армијата на САД, генерал потполковник Тимоти Кадеви, по што следуваа средби со началникот на штаб на Армијата на САД генерал Марк Мејли и Началникот на Штаб на Директоратот за стратегија, политика и планирање на Здружениот Штаб на САД, Адмирал Редм О’Конор.
За време на средбата на генералите Ѓурчиновски и Кадеви се разговарало за заедничките активности во 25 годишната воена соработка која ја имаме со Националната Гарда на Вермонт, која согласно постигнатите резултати се наоѓа меѓу самиот врв на партнерската програма за соработка на САД. Од страна на генералот Ѓурчиновски е искажана благодарност за досегашната поддршка и помош во нашите досегашни интегративни процеси.
На средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и генерал Марк Мејли, кој е номиниран за следен началник на Здружениот генералштаб на Вооружените сили на САД е истакнато значењето од заедничките вежбовни активности и обука во достигнатото ниво на интероперабилност со НАТО постапките.
Како потврда на взаемната воена соработка е нагласено претстојното изведување на големата заедничка воена вежба „Одлучен удар“, на која ќе бидат презентирани нашите достигнати стандарди во изведувањето на активностите како рамноправен НАТО партнер.
Пред Адмиралот О’Конор како најодговорен за планирањето на Здружениот Штаб му е презентиран процесот на трансформација и плановите за модернизација на нашата Армија до 2028 година, како и планираните активности кои ни претстојат како полноправна членка на НАТО Алијансата.
Претходно воената делегација оствари посета на Амбасадата на Републиката Северна Македонија во САД и средба со В.Д Амбасадорот Н.Е г-дин Марјан Поп Ангелов.
Во следните денови генералот Ѓурчиновски ќе оствари средба со Директорот на агенцијата за одбранбена безбедносна соработка, генерал потполковник Чарлс Хупер, а ќе го посети и Вермонт, каде ќе оствари средба со новоназначениот командант на Националната гарда на Вермонт, полковник Грегори Најт, а во петок делегацијата ќе присуствува на воената свеченост по повод примопредавањето на должност командант на Националната Гарда на Вермонт.