Со воена свеченост во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ припадниците на Командата за обука и доктрини (КОД) го одбележаа денот на единицата „15-ти Април“.
На свеченоста покрај началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и командантите на Здружената оперативна команда и полкот за специјални операции, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, претставници од МО и ГШ, командантите на потчинетите единици, поранешни команданти и пензионирани старешини од составот на КОД, претставници од локалната самоуправа, припадници од Сојузот на борци од Велес и други гости.
Командантот на КОД, полковник Љубенчо Петровски во своето обраќање се наврати на историјата и почетоците на единицата кога на овој ден пред 27 години пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата, па се до денес, при што изрази благодарност до сите поранешни и сегашни припадници за вложениот труд, знаење и постигнати успеси во втемелувањето, етаблирањето и развој на оваа команда. Исто така посочи дека единицата го следи трендот на модернизација и стандардизација во согласност со доктрините на Алијансата при што во иднина ќе може да одговори на предизвиците кои ги носи новата ера како нејзина полноправна членка. КОД е домаќин на регионалната симулациска вежба „Regex 19“ која ќе се реализира во Центарот за симулации на која ќе учествуваат 21 земја,како и непосредно вклучена во реализацијата на вежбата „Одлучен удар“ што претставува огромна можност и предизвик за афирмација и брендирање на АП „Криволак“ како полигон за обука и вежби во меѓународни рамки, додаде во своето обраќање.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа доделени стимулативни мерки за припадниците на КОД и благодарници на надворешни соработници. Во пресрет на одбележувањето на 15-ти Април, Денот на КОД се организираа крводарителна и хуманитарна акција, а се одржаа и спортски натпревари помеѓу единиците од составот на командата и надворешни соработници. Крајот на свеченоста се одбележа со културно уметничка програма на која учествуваа претставници од неколку училишта од градот Велес.
Петнаесетти април е одреден како ден на Командата за обука и доктрини, кога во 1992 година пристигна првата класа регрути од регуларниот состав на Армијата.