Денес, 24-ти октомври (четврток) началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески се сретна со началникот на штабот на КФОР, бригаден генерал Давид Ајкок. На средбата беше искажано задоволство од соработката на АРМ со силите на КФОР, особено во делот на поддршката на оваа мисија на НАТО за која во АРМ во изминативе години функционира Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Ајкок оствари официјална средба и со директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Димче Петровски на која беше разговарано за унапредувањето на соработката на АРМ со КФОР и работата на Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, чија основна мисија е директна поддршка на мисијата КФОР.
Од страна на КФОР е искажана подготвеност за унапредување на соработката со АРМ, како и учество во реализацијата на проекти за поддршка на инфраструктурата на АРМ и цивилното население во Република Македонија.
Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин функционира во формацискиот состав на бригадата за логистичка поддршка и истиот е ставен во оперативна функција од 2007 година, со основна задача за давање поддршка на силите на КФОР од страна на земјата домаќин во текот на нивното транзитирање низ Република Македонија.