Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес учествуваше на редовното заседание на воениот комитет (ВК) на НАТО, во формат на началници на генералштабови кое се одржува по пат на заштитена телеконференциска врска поради ситуацијата со „Ковид 19“.
За време на состанокот на највисоко воено советодавно тело на Алијансата, под раководство на претседавачот на ВК, воздухопловниот маршал, Сер Стјуарт Пич, согласно агендата началниците на генералштабови на Армиите на 30те земји членки разговарале за НАТО операциите и мисиите, одбранбените политики и понатамошниот воено одбранбен концепт на Алијансата.
По завршување на виртуелната конференција на која учествуваат и Врховните команданти на сојузничките сили во Европа и на сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Андре Ланата, со заклучоците за одржаниот состанок претседавачот Сер Стјуарт Пич имаше свое обраќање.
Ова е второ учество на началникот на Генералштабот на заседанието на ВК на НАТО по полноправното членство во Алијансата.
Воениот комитет на ниво на началници на генералштабови одржува два редовни состаноци во текот на годината, а еднаш годишно се среќаваат во сојузничка земја-членка.