Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп со воена свеченост со почитување на препораките и мерките за заштита од ширење на вирусот „COVID-19“ се реализира примопредавање на должноста командант на артилериски баталјон (артб), од составот на 1. пешадиска бригада (1.пбр). Должноста командант на артилериски баталјон од потполковник Ѓорѓи Василевски ја прими потполковник Славчо Кузманоски.
На свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, командантот на командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, командантот на 1.пбр, полковник Бесник Емини, началниците на секции од команда на бригадата и командантите на единици од составот на 1.пбр и градоначалниците на општините Прилеп и Новаци.
Со свои говори на свеченоста се обратија командантот на 1.пбр, полковник Бесник Емини кој се наврати на досегашните активности кои ги реализираше единицата во изминатиот период и упати честитки до досегашниот командант и новопоставениот командант, исто така истакна „Да се биде командант претставува огромна чест но и обврска на баталјонот кој претставува железна тупаница на првата бригада и без чија поддршка не би можеле да функционираат и останатите единици во Армијата“.
Досегашниот командант на артб, потполковник Ѓорги Василевски се заблагодари на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста, додека новопоставениот командант потполковник Славчо Кузманоски се заблагодари за довербата која му е доверена на биде командант на артб и истакна дека крајно совесно и одговорно ќе командува со единицата.
На крајот од свеченоста, се изврши и церемонијално примопредавање на военото знаме помеѓу стариот и новиот командант на артилерискиот баталјон.
Од припадниците на баталјонот на досегашниот командант му беше врачена плакета со лого на единицата.
ГЃ/ЧС/БН